Wednesday, February 24, 2010

ОТВОРЕНО ПИСМО НА ГРАЃАНСКА ИНЦИЈАТИВА „СТУДЕНТСКИ ПРАВА“

Со ова отворено писмо ги повикуваме сите медиуми, граѓански активисти, невладини организации, политички партии и претставници на Европската унија да обрнат внимание и да се заложат за итно решавање на еден сериозен проблем пред кој се исправени голем број на студенти во Република Македонија.

Како што е добро познато, и покрај декларативните заложби и многубројните медиумски кампањи со кои Владата на Република Македонија испраќаше порака дека „знаењето е сила, знаењето е моќ“, Министерството за образование и наука во учебната 2008/2009 година ги остави постдипломците без стипендии. И покрај протестите на студентите, овој проблем се пренебрегнуваше од страна на институциите на системот во продолжение на повеќе од една година.

На 15 февруари 2010 е објавен конкурс на Министерството за образование и наука за доделување на стипендии за постдипломци, но сега сме исправени пред нов уште посериозен проблем и предизвик! Имено, конкурсот на Министерството не ги опфаќа постдипломците кои се запишале во учебната 2008/2009 година. На таков начин, тие повторно ќе бидат оставени без стипендии!

За нас ова е фрапантен и скандалозен факт, бидејќи со ваквите двојни стандарди и нееднаков третман, по еден најгруб начин се прекршува член 9 од Уставот на Република Македонија, кој ја гарантира рамноправноста и еднаквоста на сите граѓани пред законот. Со ваквиот скандалозен конкурс, Владата го прекршува и член 47 од Уставот на Република Македонија, според кој државата го поттикнува, помага и штити развојот на науката. Според член 51 од Уставот на Република Македонија, сите, па дури и премиерот и министрите, се должни да ги почитуваат Уставот и законите.

Според член 50 од Уставот на Република Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и Уставниот суд на Република Македонија. Заради тоа, ние, студентите, верувајќи во правичноста на судскиот систем, бараме од Уставниот суд да го поништи овој конкурс, а Министерот за образование и наука да си поднесе оставка, бидејќи тој очигледно нема капацитет да управува со сложените процеси во образовниот сектор. На Владата пак и препорачуваме да оддели повеќе пари за научни проекти и развој на лаборатории, наместо да троши буџетски пари за оваа безумна антиквизација, за која ни се смее целиот цивилизиран свет и која е основна пречка за наша интеграција во ЕУ и НАТО.

Испратено до:

Институции: Влада, Министерство за образование и наука, Собрание, Уставен суд на Република Македонија, Собраниска комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Ректор и Студентски правобранител на Универзитетот Св. Кирил и Методиј;

Политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ, ЛДП, ВМРО--НП, ДПА, Нова Демократија;

Медиуми: Инпрес, Кирилица, А1, Канал 5, Алфа ТВ, Телма, Алсат-М, Канал 77, Сител, Вечер, Макфакс, Нетпрес, МИА, Дневник, Утрински весник, Време, Фокус, Шпиц, Вест, Нова Македонија, Форум, Лајм, Факти, Еврозум;

Претставници на ЕУ: г-н Ерван Фуере;

Организации: Хелсиншки комитет за човекови права, Институт Отворено општество, голем број на граѓански активисти и блогери.